Кошарка - НБА

И Голден Стејт може да загуби!

24.12.2014 13:39

Голден Стејт е поразен само четвртипат сезонава и тоа на гостувањето во Лос Анџелес со 115:110. Првата ѕвезда на Лејкерс Брајант одмораше, но четворица од стартната петорка имаа двоцифрен поентерски ефект...

Атланта не запира, Антиќ не играше, најдобрата екипа загуби кај Лејкерс без Коби Брајант, наслабата пак, славеше кај финалистот Мајами.

Голден Стејт е поразен само четвртипат сезонава и тоа на гостувањето во Лос Анџелес со 115:110. Првата ѕвезда на Лејкерс Брајант одмораше, но четворица од стартната петорка имаа двоцифрен поентерски ефект. Најрасположен беше Бузер со 18 коша и со 9 скока. Кај гостите најефикасен беше Кари со 22 поена, но недоволно да се сопре разиграниот домаќин којшто имаше предност и од 23 коша. Вориорс имаат 23 триумфи, додека Лејкерс се уште имаат речиси двојно повеќе порази од победи, 9-19.

Само четвртиот триумф сезонава, Филаделфија го оствари кај Мајами со 91:87. Од најмалку две причини победата на екипата со најлош биланс е сензација. Филаделфија имаше негатива од 23 поени во третиот период и поради повреди и болест на неколку кошаркари само осуммина подготвени за игра. Вилијамс со 20 и Мбах а Муте со 19 коша беа креатори на триумфалниот пресврт.  

Атланта, за која не настапи Перо Антиќ, ги совлада Клиперс со 107:104. Со петтата победа по ред и вкупно 21, Хоукс и натаму се на триумф до лидерот во Источната конференција, Торонто. Прв стрелец кај Атланта беше Керол со 25 поени.

Пресметката меѓу Оклахома и Портланд, којашто им припадна на гостите по продолжение со 115:111, се претвори во дуел на Вестбрук и на Лилард. Двајцата постигнаа по 40 поени со тоа што кошаркарот на Портланд имаше 11 скока, еден повеќе од плејмејкерот на Оклахома.

Кливленд се уште има само 11-ти ефект во лигата, но кога е триото разиграно тогаш нема проблеми. Кавалирс беа подобри од Минесота со 125:104, Ирвинг постигна 29, Леброн Џејмс 24, Лав 20 поени.

Во другите натпревари: Феникс - Далас 124:115 со вториот трипл - дабл во кариерата на Бледсоу 16 поени, 11 асистенции и 10 скока, Вашингтон - Чикаго 91:98 благодарение најмногу на Роуз и на неговите 29 коша, потоа Кливленд - Минесота 125:104, Бруклин - Денвер 102:96, Милвоки - Шарлот 101:108, Орландо - Бостон 100:95 и Индијана - Њу Орлеанс 96:84.