ВАДА ќе тестира три илјади спортисти
Tоа е дел од истрагата којашто ја преземаат властите како одговор на германскиот ТВ документарец во којшто руски спортисти и тренери признаваа дека во нивната земја се прикриваат позитивни тестови за допинг...

Комисија на Светската антидопинг агенција (ВАДА) деновиве ја посетила Москва и зела на тестирање околу 3.000 примероци од крв и урина од спортисти во Русија. Тоа е дел од истрагата којашто ја преземаат властите како одговор на германскиот ТВ документарец во којшто руски спортисти и тренери признаваа дека во нивната земја се прикриваат позитивни тестови за допинг.
„Напишав писмо до ВАДА, во коешто прецизно реков дека сме отворени да ја пречекаме нејзината комисија и подготвени да и покажеме се“, изјавил рускиот министер за спорт Виталиј Мутко за спортската агенција „Р Спорт“.
“Три члена на комисијата предводени од директорот на ВАДА за наука не посетија и според моите информации зеле околу 3.000 примероци коишто ќе ги тестираат во лабораторијата и во Келн и во други лаборатории. Ние ќе продолжиме да соработуваме и целосно сме отворени“, додал министерот.
Шефот на руската атлетска федерација Валентин Балахничев ги оцени како лаги најголемиот дел од тврдењата искажани во документарниот серијал во три дела којшто неодамна беше емитуван на државните ТВ станици во Германија АРД и ЦДФ, пред да се повлече од функцијата благајник во ИААФ веднаш штом почна истрага за обвинувањата.
Владимир Казарин, тренерот којшто во документарецот беше посочен како главен прекршител на правилата, најави тужба до продуцентот на програмата, но и руската тркачка на средни патеки Јулија Степанова и нејзиниот сопруг Виталиј Степанов, инаку поранешен функционер на руската антидопинг агенција. Нивните тврдења беа во средиштето на документарецот.
