Инвестиција

Германски „Костал“ отвора 1.000 работни места

24.12.2014 14:36

Германската комапинија „Костал“ ја објави финалната одлука за инвестирање во земјава. Ќе гради фабрика во охридско – струшкиот регион и ќе отвори 1.000 нови работни места. Потпис на договорот за новото вложување ќе се стави кон крајот на јануари. За една недела во земјава се објавени три нови инвестиции, кои треба да креираат 2.500 работни места...

Германски „Костал“ е најновиот инвеститор во Македонија. Компанијата и официјално ја објави донесената одлука за изградба на фабрика во охридско – струшкиот регион, во која се очекува да бидат вработени 1.000 луѓе. Во почетокот на 2015-та почнува како браунфилд инвестиција, во веќе постојан објект, по што за две години ќе треба да се трансформира во целосна гринфилд инвестиција.

„На оваа локација има значителен потенцијал за проширување на инвестицијата, со што на компанијата и се дава можност да ги искористи локалните вештини за да ги задоволи потребите за успех. Инвестицискиот план на Костал во Охрид се поклопува со нашата стратегија за раст“, пишува во писмото, потпретседателот на Групацијата, Кристофер Сандерс.

„По Гентерм и Капкон, Костал е трета инвестиција во само седум дена. Објава за 2.500 нови работни места за само една недела. Нашата борба за секое ново работно место продолжува“, напиша премиерот Груевски на својот Фесјбук профил.

Потсети на своето обраќање на митингот во Струга, кон крајот на март, за време на изборната кампања. 

„Комапнија од Германија донесе одлука да изгради фабрика за делови за автомобилската индустрија во охридско – струшкиот регион. Немам дозвола да го соопштам нејзинот име и јас тоа ќе го почитувам, затоа што ние ги почитуваме инвеститорите, а тие не почитуваат нас, но јас сакам вечерва да ја споделам оваа убава вест, затоа што знам дека во таа фабрика ќе се вработат многу луѓе од Струга и од Охрид“, изјави тогаш премиерот Никола Груевски.

Компанијата „Костал“ е водечки извозник на технолошко – напредни производи од делот на електрониката, електромеханиката и мехатрониката за автомобилската и други индустрии. Групацијата располага со 38 капацитети во 17 земји на 4 континенти, и глобално вработува 15 илјади луѓе. 

 

Мартин Пушевски