„Златна соба“ со непроценлива вредност во Куќата на Робевци

24.12.2014 15:52

447 непроценливи артефакти од денеска се дел од Златната соба, во рамки на музејската поставка „Златото на Лихнитида“. Поголемиот дел од златните предмети датираат од седмиот, па се до деветнаесеттиот век...

Златната маска и ракавицата од локалитетот Горна Порта, златната ромбоидна плочка и златниот колан со потекло од Архајскиот период, златната белегзија со животински протоми и златните обетки- гулабици од четвртиот, односно 3-2 век пред нашата ера, се само дел од ексклузивната музејска поставка која од денеска може да се види во „Златната соба“ во Куќата на Робевци.

„Сите предмети кои се прикажани во оваа Златна одаја несомнено ја потврдуваат моќта на златото како вредност, како единствена и најзначајна цивилизациска амајлија. Овие артефакти се докази за нашата историска присутност, но и за креативната надареност која од секогаш била одлика на цивилизациите кои се вкрстувале на нашето тло“, изави Елизабета Канческа- Милевска, министер за култура.

Во репрезентативниот каталог кој го изработија Паско и Нада Кузман се презентирани и стручно обработени сите експонати кои се дел од „Златната соба“.

„Делото ги заслужува сите високи оценки и нашите најтопли честитки што авторите почнувајќи од 6 век пред новата ера, ни ги проследија драгоценостите од Охрид низ вековите, почнувајќи од антиката, преку средниот век до скоро крајот на 19-от век“, смета академик Вера Битракова- Грозданова.

Новата ексклузивна музејска поставка ќе придонесе за промоција на Охрид и Македонија во меѓународни рамки.

„Златото на Лихнитида изложено во Куќата на Робевци е катче во кое е сконцентрирано богатото охридско и македонско културно-историско наследство, кое очигледно ќе биде магнет за бројни домашни и странски гости“, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Златната соба содржи 447 артефакти со непроценлива вредност, а преку оваа поставка посетителите ќе можат да ги видат различните периоди од развојот на охридскиот регион.

 

Сашо Нелоски