Инвестиција

Германски „Костал“ отвора 1.000 работни места

24.12.2014 16:24

Германската комапинија „Костал“ ја објави финалната одлука за инвестирање во земјава. Ќе гради фабрика во охридско – струшкиот регион и ќе отвори 1.000 нови работни места. Потпис на договорот за новото вложување ќе се стави кон крајот на јануари. За една недела во земјава се објавени три нови инвестиции, кои треба да креираат 2.500 работни места.

Германски „Костал“ е најновиот инвеститор во Македонија. Компанијата и официјално ја објави донесената одлука за изградба на фабрика во охридско – струшкиот регион, во која се очекува да бидат вработени 1.000 луѓе. Во почетокот на 2015-та стартува како браунфилд инвестиција, во веќе постојан објект, со што ќе почне и регрутацијата на работниците. Во втората фаза, „Костал“ ќе се трансформира во целосна гринфилд инвестиција.

„На оваа локација има значителен потенцијал за проширување на инвестицијата, со што на компанијата и се дава можност да ги искористи локалните вештини за да ги задоволи потребите за успех. Инвестицискиот план на Костал во Охрид се поклопува со нашата стратегија за раст“, пишува во писмото, потпретседателот на Групацијата, Кристофер Сандерс.

„По Гентерм и Капкон, Костал е трета инвестиција во само седум дена. Објава за 2.500 нови работни места за само една недела. Нашата борба за секое ново работно место продолжува“, напиша премиерот Груевски на својот Фејсбук профил.

Тој инвестицијата ја најави уште во март, за време на изборната кампања.

„Во првите три години ќе има 1.000 директни вработувања и многу индиректни вработувања. Заедно со „ОДВ Електрик“, уште една германска компанија што ќе отвори повеќе од 1.000 работни места, ќе го препородат регионот. Повеќе од 2.000 луѓе ќе бидат вработени, а со самото тоа што овие фабрики ќе имаат потреба од соработка со локалните фирми, тоа ќе значи повеќе работа за домашните компании и отворање дополнителни работни места“, изјави Груевски.

Компанијата „Костал“ е водечки извозник на технолошко – напредни производи од делот на електрониката, електромеханиката и мехатрониката за автомобилската и други индустрии. Групацијата располага со 38 капацитети во 17 земји на 4 континенти, и глобално вработува 15 илјади луѓе. 

 

Мартин Пушевски