Во Скопје најмногу се краде струја!

24.12.2014 16:27

Струја се краде во сите градови, велат од ЕВН. Сепак најмногу откриени случаи, 211 има во Скопје, следи Струмица со 143 откриени случаи, а зад нив се Прилеп и Тетово...

Куќа на 4 ката, сите се загреваат на струја, а сметката е помала од 800 денари. Ова е првиот сигнал за контролорите на ЕВН дека нешто не е в ред со потрошувачката на струја. Се тргнува со проверка на трафостаницата, а патот води до броилото. Стручни  екипи релативно лесно ги откриваат случаите на манипулирање и прикривање на реалната потрошувачка, кои годинава ги има 820.

Од почетокот на годината досега крадците потрошиле, а не платиле 12,5 милиони киловат часови електрична енергија. ЕВН Македонија претрпела штета  поголема од 1,5 милион евра, а во државниот буџет не влегле 18% ДДВ.

Струја се краде во сите градови, велат од ЕВН. Сепак најмногу откриени случаи, 211 има во Скопје, следи Струмица со 143 откриени случаи, а зад нив се Прилеп и Тетово.

Каде најмногу се краде електрична енергија?

Град                            Откриени случаи

Скопје                                       211

Струмица                                 143

Прилеп                                       83

Тетово                                        73

Најчесто станува збор за директно поврзување на дистрибутивната мрежа пред броилото или пак негова манипулација. Но, електронскиот уред точно покажува кога бил демонтиран односно вратен на неговото место. Струја крадат домаќинствата, но и  фирмите.

„Она што загрижува е што сѐ повеќе откриваме кражби кај бизнис корисниците. 30 пресуди веќе се донесени за компании кои нелегално користеле електрична енергија, а количеството што тие го трошат е далеку поголемо од она што може да го потроши едно домаќинство“, изјави Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН Македонија.

Годинава судовите донеле 280 пресуди за крадење струја, а 9 корисници ќе заминат на издржување затворски казни во траење до 1 година. Од ЕВН апелираат неовластени лица да не интервенираат на мрежата, затоа што лесно може да дојде до пожар во кој  не страдаат само броилата, туку и становите на недолжните соседи.

 

Свето Николовски