Верниците од католичка вероисповед го слават Христовото раѓање

24.12.2014 17:11

Нада Мојсова од Загреб, 55 години Божиќ го прославува во Скопје. Екипата на Македонската телевизија го посети нејзиниот дом и одблиску се запозна со обичаите на католичките семејства кои денеска го слават Христовото раѓање...

Ги отвораат вратите, ги отвораат срцата. Возбуда и радост ги исполнува домовите и душите на верниците од католичка вероисповед. Атмосфера за Христовото раѓање се чувствува еден месец пред овој голем празник, вели Нада Мојсова.

„На 13 – ти на Света Луција се засадува жито. Какво ќе биде житото таква ќе биде и годината. Бујното жито значи берикет“, вели Нада Мојсова.

Исчистените и украсените домови ги осветлуваат четирите адвентски свеќи. По една се пали на ручекот, секоја недела до Божиќ. Иако повеќе од пет децении е во Скопје, трпезата на нашата домаќинка е иста како во родната Хрватска.

„На Бадник се приготвува бакалар, а  за Божиќ се приготвува сарма и печено месо, незибежна е и мисирката“, додава Мојсова.

Празник без слатки не може да се замисли, но не може да се замисли ниту отсуството на членовите од семејството.

„Младите се вклопуваат со своите родители, тоа божиќно чувтсво, дека доаѓа Божиќ е во духот на сите“, нагласува Мојсова.

Вели, какви маки и искушенија и да имало во годината што изминала, сепак  на празниците се радуваат сите. Возрасните зашто се заедно со најблиските, децата зашто под елка ги чека подарок. Со прославувањето на Христовото раѓање, се слават значењето и вредноста на човечкиот живот, безусловната љубов и мирот.

 

Наташа Јанчиќ