Четврти ден операција Катар 2015
Во новата база, спортскиот комплекс Јане Сандански, избраниците на Ивица Обрван работат два пати дневно...

Минува четвртиот ден од подготовките на најдобрите македонски ракометари за четвртиот мундијалски предизвик Катар 2015.
Во новата база, спортскиот комплекс Јане Сандански, избраниците на Ивица Обрван работат два пати дневно.
Во кусиот период до стартот на Светскиот шампионат на 16 јануари со дуелот против Тунис, приоритет во оваа фаза се подобрувањето на физичките перформанси и враќање на вистинскиот психолошки фокус неопходни за специфичниот и напорен турнирски систем на големиот настан.
„Четири дена сме овде а се чувствувам како да сме 15. Работиме напорно, секој ден по два тренинга кои се напорни и потребно е време да се влезе во овој ритам. Меѓутоа, нормално е дека е СП голем предизвик за сите , бара доста откажувања и напор. Се надевам дека на крајот од овие подготовки ќе ја имаме вистинската препознатлива форма и физичка подготвеност што ни е потребна“, изјави за МТВ голманот Борко Ристовски.
Пикерот Стојанче Стоилов е убеден дека ова ќе биде едно од најквалитетните првенства. „Оваа генерација многу пати докажа дека е зрела, но секогаш ни фалеше некој мал, ситен детал. Мислам дека во Катар е време да го постигнеме нашиот максимум како репрезентација и да с еобидем еда отидеме чекор повеќе од претходното првенство“.
Селекторот Обрван има на располагање во овој момент 19 ракометари а деновиве ги очекува капитенот Кире Лазаров и повратникот во репрезентацијата Стојчевски, кои ќе ја комплетираат репрезентацијата.
Во Скопје се работи до 8 јануари со паузи за Новогодишните и Божиќните празници, а првата официјална контрола е мечот против Израел в недела од 17-45 часот, што ќе го гледате на нашиот собраниски сервис.
