Богов: Растот на економијата догодина еден од повисоките во регионот

25.12.2014 12:01

Растот на економијата за годинава Народната банка на Република Македонија очекува да биде 3,7%, а во наредната да изнесува 4,1% и да биде еден од повисоките во регионот и пошироко. Ова го изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов во интервју за МИА во кое посочува дека до крајот на годинава се очекува да продолжат позитивните движења во реалниот сектор...

Новите странски инвестиции, поголемата искористеност на капацитетите, како и фискалниот стимул преточен во инвестиции во инфраструктурата и натаму ќе бидат главните фактори за растот на домашната економија, наспроти побавното закрепнување на странската побарувачка. Во 2014 година дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања се проценува на 2,7% од БДП, а во 2015 година предвидено е негово умерено проширување на 3,9% од БДП, вели во Богов.

Гувернерот на НБРМ во интервјуто за МИА, додава дека во услови кога глобалното закрепнување и особено закрепнувањето на европската економија сè уште се смета за доста кревко, за македонската економија се очекува дека ќе оствари повторно релативно висока стапка на раст при вакво окружување, како и натамошно умерено забрзување на растот, главно воден од домашните двигатели на растот.

Според него, имајќи ги предвид структурните промени во нашата економија во последниве години, може да се каже дека постојат можности за повисок раст.

Богов оценува дека банкарскиот систем ја задржа својата стабилност и воедно, од крајот на 2013 година наваму, ја зајакнува кредитната понуда кон приватниот сектор и со тоа го поддржува економското заздравување.