Кошарка

Победа над Мега Лекс е императив за МЗТ Скопје

25.12.2014 14:07

По претходното против Црвена Звезда, вечерва ја дочекуваат екипата на Мега Лекс во последниот дуел од 14 коло, кое е прво од вториот круг. Најмладиот тим во лигата му е должник на македонскиот шампион...

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром затвораат уште едно АБА лигашко коло. По претходното против Црвена Звезда, вечерва ја дочекуваат екипата на Мега Лекс во последниот дуел од 14 коло, кое е прво од вториот круг. Најмладиот тим во лигата му е  должник на македонскиот шампион, затоа што на почетокот на сезоната во Сремска Митровица славеа среќно, дури по продолжението од 5 минути кога МЗТ ја прими единствената “стотка“ сезонава. Мега Лекс го заврши првиот дел од сезоната на 8 место со 6 победи и 7 порази, за разлика од нашиот претставник кој е претпоследен, единствено пред бугарски Левски.

Сигурно дека само 4 победи и 9 порази не беа ни оддалеку во агендата на остварувања во турбулентната есен на “штрковите“ кои соочени со бројни повреди, две тренерски промени и десетина нови кошаркари се обидуваат да влезат во посакуваниот колесек. Брилијантната трета четвртина против АБА лидерот пред три дена влева надеж за приклучување кон средината, за што се потребни победи со максимално залагање. Доколку го повтори одличниот впечаток во дебито со Ц. Звезда, Самарџиски може да го предводи тимот до победа, особено што вечерва се очекува успешно враќање во “староото јато“ на Синовец.

Покрај борбеноста, еден од факторите кои сигурно ќе решаваат е бројот на поени. Ефикасен натпревар им одговара на гостите кои просечно постигнуваат по 88.62 сезонава, а натпревар со помал број поени им носи шанса за победа на кошаркарите на МЗТ Скопје, кои имаат по 59.31 во просек.  

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Мега Лекс се игра во салата “Јане Сандански“ од 20:00 часот со пренос на МРТ.