Германски „Костал“ ќе инвестира 70 милиони евра
Инвестицијата на германски „Костал“ за шест години треба да надмине 70 милиони евра. Менаџментот детално ја скенирал бизнис – климата, преговорите траеле две години. Според властите, со „Костал“ добиваме бренд со кој во иднина полесно ќе привлечеме нови инвеститори. Оценуваат: 2014-та е една од најуспешните години...

Цели две години траеле преговорите со „Костал“ за инвестицијата во Македонија. Менаџментот детално ја скенирал бизнис – климата и собирал искуства од Џонсон Мети, Вистеон, Дрекселмајер. Во конкуренција на повеќе држави, финалната одлука паднала на охридско – струшкиот регион. Првите луѓе на „Костал“ разговарале и со локални компании кои во производствениот процес би се вклучиле како добавувачи, а се интересирале и за работната сила.
„Поголем број на локални и регионални компании ќе најдат можности за соработка, со што се мултиплицира ефектот на инвестицијата, се помага за намалување на невработеноста, за зголемување на економската активност и на крајот, за подобрување на животот на граѓаните на Р. Македонија“, изјави Виктор Мизо, директор на слободните зони.
Дисперзираните инвестиции ќе ја запрат миграцијата кон главниот град – смета првиот човек на слободните зони. Вели дека за шест години, кога „Костал“ ќе ја изгради новата фабрика во зоната во Струга во која ќе работат 1.000 луѓе, инвестицијата ќе надмине 70 милиони евра, а ќе се креира годишен извоз од 170 милиони. Претходно, во почетокот на идната година почнуваат со адаптација на веќе постојан објект, а работниците ќе заминат на обуки во Ирска и Украина.
„2014-та е една од најуспешните години од аспект на привлекувањето странски директни инвестици, бидејќи и во време на неизвезни економски текови, ние успешно донесовме неколку инвестиции во Р.Македонија“, нагласи Алек Никовски, советник за странски инвестиции.
Локалните власти со големи очекувања од инвестициите на „Костал“ и на “ОДВ Електрик“.
„Инвестициите ветуваат сериозно стопанско воздигнување на Охрид после долгиот, 23 годишен период на дезинтеграција на стопанско – индустрискиот систем на градот“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
„Костал“ е високотехнолошка компанија со седиште во Германија, со фабрики во 17 држави и 15 илјади вработени. Со електронски компоненти снабдуваат автомобилски гиганти од рангот на: Мерцедес, БМВ, Бентли, Ролс Ројс, Јагуар. Со влезот на „Костал“, Македонија добива уште еден адут во ракавот за привлекување нови инвеститори.
Мартин Пушевски
