МРТ го доби највисокото одликување од МПЦ-ОА, орденот „Свети Климент“

25.12.2014 15:01

Архиепископот г.г. Стефан и додели орден „Свети Климент“ на Македонската радио телевизија. Со националниот сервис сите семејства ја имаат татковината и светот дома, нагласи на свеченото доделување поглаварот на МПЦ-Охридска Архиепископија...

Скромно, но величествено во христијански дух, со црковно пеење, Македонската радио телевизија го доби највисокото одликување од Македонската православна црква –  Охридска архиепископија, орденот „Свети Климент“ од прв ред.

Голем е придонесот на МРТВ за афирмација на дејноста на Македонската црква- e заклучокот на Светиот архиерејски синод на МПЦ- ОА.

„Во овие седум децении постоење, Македонската радио телевизија, со своето професионално медиумско информирање, даде особен придонес за чување и негување на македонското црковно и духовно наследство и христијанските вредности на нашиот македонски православен народ, како во Република Македонија, така и во дијаспората“, изјави г. Климент.

Повод за доделување на највисокото црковно признание е 70 годишнината на Македонската радио телевизија, но причина за одликувањето е сето она што МРТ низ децениите го правела, го прави и ќе го прави за сите граѓани кои ја следат нејзината програма – рече во својот говор архиепископот на МПЦ- Охридска архиепископија, г.г. Стефан.

„Речено е дека медиумите нивна основа цел е да информираат да зближуваат и благодарение најпрво на Македонското радио, а потоа и на Македонската телевизија , скоро сите македонски семејства преку тој медиум ја имаа и татковината дома, и целиот свет дома“, нагласи архиепископот г.г. Стефан.

 Орденот „Свети Климент“ од прв ред е потврда и највредно признание за сите активности во Македонската радио телевизја – посочи извршниот директор Марјан Цветковски.

„Ако Македонската православна црква е стожер на македонското духовно и национално опстојување, јас само ќе кажам дека во овие седум децении, Македонската радио телевизија е трезор на сите тие збиднувања. Трезор на аудио и видео записи од прогласувањето на возобновувањето на автокефалноста на нашата црква, преку поставувањето на камен- темелникот на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, од пренесувањето на моштите на Свети Климент, од осветување на цркви и манастири, од свети литургии, од сите радости и запалени свеќи на Македонецот“, изјави извршниот директор на МРТВ, Марјан Цветковски.

Орденот е награда за сите вработени во МРТВ кои во изминатите 7 децении биле сведоци на сите збиднувања и докажале преку етерот дека МРТВ е блиску до народот како што е и МПЦ- ОА.

Досега орденот Свети Климент од прв втор и трет ред, црквата го доделила на 43 институции и истакнати чичности.

 

Миле Ристески