Охрид- хит дестинација за Белграѓани за дочек на Нова Година

30.12.2014 16:47

Економската криза не е пречка за празнично опуштање и на паричникот и на душата. Белграѓани им се радуваат на распродажбите, но и на веќе обезбедените аранжмани за дочек. Една од хит-дестинациите и нашиот Охрид...

И покрај кризата, граѓаните и годинава не штедеа на аранжманите за новогодишните празници. Така сите аранжмани за Виена, Будимпешта, Прага и како што пренесуваат медиумите, за нашиот Охрид, се веќе распродадени. Во Белград со над 10.000 ресторани и кафулиња цената за најлудата ноќ се движи од 30 па сѐ до над 300 евра.
 
И покрај економската криза, намалување на платите и најавите за отпуштања, во Белград владее новогодишна потрошувачка треска. На „Кнез Михајлова“ во деновите пред најлудата ноќ, продавницте во рамките на „shopping night“ ќе работат се до полноќ што е благодет за Белграѓанки.
 
Се нуди се од игла до локомотива, но годинава нема голем промет како порано. Најголема посетеност има Божиќниот саем во центарот, каде за разлика од луксузните, се продаваат скромни подароци, сувенири и деликатеси како што е познатата српска плескавица. 
 
„Криза е, но сепак за децата ќе купиме подарок кој нема да е ниту скап ниту евтин... Немам купено, бидејќи немаме пари. Чекаме плата ... Јас мислам дека порано многу повеќе се купуваше од сега, дефинитивно...“ велат граѓаните кои случајно ги анкетиравме. 
 
Улиците и големите трговски центри со накитени елки, лампиони. Преполни се со граѓани од цела Србија. Гласна музика, информации за намаление на цените и до 70%, Дедо мразови и промотерки ги канат купувачите во дуќаните во кои се продава гардероба, најнова техника, накит, парфеми... Но, граѓаните повеќе се одлучуваат на прошетка и на евтини подароци.
 
„Сега шетаме,одиме да видиме што има. Да го искористиме убавото време“, велат дел од граѓаните. 
 
„Имаме ’хепи деј’ денови и имаме попуст до 20%. Имаме доста купувачи кои главно купуваат парфеми, сетови и шминка“, изјави една промотерка. 
 
Белграѓани се познати по веселбата, другарството,проводот, храната и пијалокот. Познатите музички звезди ќе настапат на три локации во центарот: една за љубителите на фолкот, втора за оние што слушаат Ју- рок и поп музика и
трета за љубителите на „диџеј“ забавата. 
 
Оливер Бранковиќ- дописник од Белград за МРТ