Успешна интервенција во Центарот за спинална хирургија

25.12.2014 17:00

Тешка и комплицирана операција за која се одеше во странство ја изведе лекар од Турција со асистенција на македонски колеги...

Осум часа траела операцијата кај 8 годишното девојче кое имало сериозен деформитет на ’рбетниот столб во новиот Центар за спинална хирургија. Девојчето е во добра состојба и закрепнува. Ова е прва ваква сложена операција во земјава. Ја изврши реномиран ортопед трауматолог од Турција, заедно со македонските хирурзи.

„Спиналната хирургија е многу тешка и комлицирана, линијата на учење е многу полека. Вашите доктори веќе доста работат од проблематиката и патологијата од рбетниот столб, а идеата за формирање на овој спинален центар е одлична. За кратко време и вашите доктори би можеле да работат и да имаат пристап кон сериозни проблеми кои ќе ги решат самостојно“, изјави проф. д-р Уфук Талу, ортопед трауматолог од Турција.

За неколку дена направени се шест интервенции од областа на спиналната хирургија како инфекции, тумори, деформитети, сколиози.

„Ова е само еден почеток, но мислам дека стигнавме до момент каде ќе можеме под менторство на поискусните колеги да направиме голем напор во оваа област и да бидеме спремни да им понудиме на граѓаните повисоко ниво на здравствена услуга“, смета д-р Љупчо Николов, трауматолог.

Досега во овој спинален центар инвестирани се 40 милиони денари. Комплетно се реконструирани операционите сали. Набавена е нова опрема потребна за изведување на овие сложени операции. Дополнително ќе се инвестираат уште 40 милинони денари.

„Во овој момент има уште една постапка за набавка на дополнителна опрема за навигација во висина од 40 милиони денари со што овој центар ќе се вброи меѓу врвните центри и ќе се овозможи сите интервенции од оваа област да може да се работат во Македонија“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.  

Од 10 до 15 пациенти секоја година се испраќале во странство за вакви сложени операции. Во Центарот за спинална хирургија, под менторство на странски доктори, интервенциите ќе се извршуваат кај нас.

 

Андријана Атанасовска