Владата преку оглас бара генерален конзул во Њујорк и двајца нови членови на Советот за јавни набавки
До 20 јануари ќе можат да се пријават сите кандидати кои ги исполнуваат условите. Најдобрите ќе се изберат откако ќе поминат неколку интервјуа...

Владата објави оглас за генерален конзул во Њујорк. Заинтересираните кандидати кои сакаат да ја претставуваат Македонија во Соединетите американски држави ќе мора да исполнуваат неколку услови, меѓу нив да има стекнато високо дипломатско звање.
Најспособниот и најсоодветниот кандидат ќе биде избран после неколку интервјуа.
„Позицијата се карактеризира со политичка и економска допломатија, односи со дијаспората и редица други работи коишто значат промоција на интересите на нашата земја и затоа е потребно способен и квалитетен кандидат да ја извршува истата и да придонесе понатаму во промоцијата на националните и државните интереси“, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Преку оглас се бараат и двајца нови членови на Советот за јавни набавки. Заинтересираните кандидати треба да имаат стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, да имаат работно искуство од пет години и од кои најмалку три во областа на јавните набавки.
Членовите на Советот за јавни набавки не можат да бидат членови во органи и тела кои ги избира или именува Собранието. Владиниот портпарол вели дека двајцата нови советници ќе имаат голема улога во новото тело формирано со реформите. Краен рок за пријавување и за двата огласи е 20 јануари.
Владата не очекува масовност, туку пријавување на кандидати кои ги исполнуваат сите услови од кои најквалитетните ќе можат да бидат избрани.
Катерина Топалова
