Безбедност во сообраќајот

Внимателно со алкохолот во празничните денови – апел од надлежните!

25.12.2014 17:22

Пијанството е една од најчестите причини за сообраќајните несреќи. Ова особено важи за младите кои имаат обичај да лудуваат со автомобилите. Толеранција нема, празниците се ближат...

Прославите за претстојните празници да не завршат во семејни трагедии, порачаа од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот. Апелираат на почитување на сообраќајните правила. Да не се вози под дејство на алкохол е клучна препорака затоа што пијанството е најчеста причина за несреќи, особено кај младата популација , која е и најранлива. Нема амин за никого.    

„Врзувајте појаси, носете зимска опрема, почитувајте ги правилата и прописите. За нивото на алкохол во крвта, како што знаете е најдобро да не пиете воопшто доколку возите, а доколку сте млад возач толеранцијата е нула. Однесувајте се одговорно, изјави Тоше Јанев, портпарол на РСБСП.

Кампањата која трае веќе четири месеци и засиленото сообраќајно полициско присуство вродиле со позитивен резултат. Истражувањата говорат дека дури  30 насто е намален бројот на  жртвите во сообраќајот.

„Сообраќајната полиција во претстојниот период поинтензивно ќе ги контролира состојбите во сообраќајот, особено кога е во прашање употребата на сигурносни појаси, управување под дејство на алкохол и користењето на мобилните телефони за време на управувањето со моторните возила“, вели Стојче Стаменковски, член на РСБСП

22 млади лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи во период октомври- декември. Годинава за истиот период загинале 6-мина .

Полицијата ќе биде максимално присутна на терен и во претстојните празнични денови.  Чекор по чекор, сообраќајната култура се подига.

 

Наташа Гркова-Петрушевска