Економијата и странските инвестиции во фокус на пратеничките прашања
Економијата и странските инвестиции– во фокусот на интересот на пратениците на последната седница годинава, на која можеа да и поставуваат прашања на владата. Бенефитот се новите вработувања, за идните економските предизвици се подготвува теренот...

Во фокусот на пратеничките прашања економијата, односно странските инвестиции. Прашање до премиерот Груевски кога ќе стартува изградбата на инфраструктурата во индустриската зона во Прилеп и кои се плановите на компанијата Гентерм.
„Кога се планира да се започне изградбата на инфраструктурата во зоната, кога ќе почне изградбата на фабриката и во кои фаза таа би се одвивала“, праша претеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска.
Американската Гентерм стартува со градба во март идната година, а стартот на производството на делови за автомобилската индустрија е најавен за октомври, потврди премиерот.
„Градбата на оваа компанија е во текот на следната година, по нејзиното завршување и вработување на луѓе ќе значи намалување на бројот на невработени во овој регион, во Прилеп и прилепско, односно отоворање на нови 2.000 работни места“, одговори премиерот Никола Груевски.
Добрата бизнис клима,инфраструктурата и ниските даноци овозможија многу странски компании да се решат за инвестирање во Македонија,одговори вицепремиерот Ставрески на прашањето каков е бенефитот од отворањето на економските зони.Преку 11 илјади лица се вработени во компаниите што изградија фабрики.
„Само во овие компании што ги споменав, кои ги објавија инвестициите оваа недела, имаме преку 2.000 вработувања, а во следната година, година иполовина, очекуваме уште 12.000 нови работни места да се отворат во компаниите што имаат најавено инвестиции во Македонија“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Планира ли Владата во 2015-тата година да ја спроведе најсложената статистичка операција - го праша пратеничката Љубица Буралиева, премиерот Груевски. Додаде дека 14 години Македонија нема спроведено попис, иако беше најавен пред три години, тој се одложи.
„Го има ли пописот во вашата политичка агенда за 2015-та година. Годината што е пред нас сите ја очекуваме со една надеж дека навистина ќе зачекориме некаде подобро и ќе и се приближиме до Европа малку повеќе“, праша независната пратеничка, Љубица Буралиева.
Во име на Владата одговори министерката за внатрешни, Јанкулоска. Објасни дека надлежните институции водат евиденција за населението и за домаќинствата со ажурирање на регистрите.
„Секогаш кога владата и сите надлежни институции треба да направат одредено планирање, а за тоа се потребни влезни податоци со кои институциите располагаат, тие имаат на располагање бројки кои се ажурирани и ние во нашето тековно работење ќе продолжиме да ги ажурираме бројките“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
На последната седница за пратенички прашања оваа година интерес и за обуката за спроведувањето на кривичната постапка, за локалната инфраструктура и за земјоделството.
Милчо Велески
