Националниот авиопревозник ќе ја направи Македонија регионален центар во авиосообраќајот
Експертите од авиосообраќајот велат дека со модерни аеродроми и над милион превезени патници, вистински момент е да се најде компанија што ќе лета под македонското знаме...

Со над милион превезени патници годинава и со очекување таа бројка двојно да се зголеми во 2016-та година, асвиосообраќајот во земјава руши рекорди. Дополнително, поради местоположбата како и заложбата на Владата наскоро да се формира национален авиопревозник, ќе ја направат Македонија регионален центар во авиосообраќајот.
„Во нашата концепција за развој се две нешта, да преминеме во регионален аеродром бидејќи во круг од 150 километри се наоѓаат седум аеродроми, кои на некој начин се здрава конкуренција за развој на авиосообраќајот. Втората точка за која имаме предуслови е да станеме и транзитен аеродром. За тоа добра е и една од иницијативите на владата за воспоставуање на национален авиопревозник, но на нови економски издрави основи за тоа да има ефект и на страната на авиокомпанијата и на страната на аеродромот“, објаснува првиот човек на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски во дебатната емисија „Акцент“.
Експертите од авиосообраќајот велат дека со модерни аеродроми и над милион превезени патници, вистински момент е да се најде компанија што ќе лета под македонското знаме.
„Секако дека е добро да има национален превозник, пред се за патниците, државата и персоналот кој евентуално би се вработил. Меѓутоа, национален авиопревозник не подразбира државен авиопревозник во сопственост на државата. Тоа може да биде и приватна авиокомпанија која ќе го добие тој статус на редовен авиопревозник. Секако дека е потребно и пожелно, но за тоа треба добро да се размисли и да се најде партнер со кој ќе се преговара и ќе ги обезбеди сите услови“, вели пилотот во пензија, Кирил Каевски.
Дебатната емисија „Акцент“ можете да ја гледате на следниот ЛИНК
