На 20-ти јануари Собранието ќе ги разгледува предлог амандманите на Уставот

26.12.2014 12:20

Откако го минаа првиот собраниски филтер, нацрт верзиите беа вратени во владата, и во нив беа вметнати дел од забелешките од јавните расправи...

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, за 20 јануари 2015-та ја закажа седницата на која законодавниот дом ќе ги разгледува предлог амандманите на Уставот на државата, кои доцна синоќа ги достави Владата.

Откако го минаа првиот собраниски филтер, нацрт верзиите беа вратени во владата, и во нив беа вметнати дел од забелешките од јавните расправи.

Уставните измени се однесуваат на дефинирање на бракот и вонбрачната заедница како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот, висината на дефицитот и јавниот долг.

Исто така, предлог амандманите се однесуваат и на промена на називот на Народна банка на Република Македонија, воведување на институтот Уставна жалба, и промена на составот на Судскиот совет.

Според законската процедура, секој предлог амандман, Собранието треба да го донесе со двотретинско мнозинство.

За последен пат,  уставни измени беа направени во април 2011-та година.