Објавена монографија за илјада годишното постоење на Прилеп

26.12.2014 12:48

Група автори од разни области ја објавија монографијата за 1.000 годишното постоење на Прилеп како градска населба со сите историски, економски и културни обележја. Од неа се гледа колку овој град со својот национален дух зрачел низ Македонија, но и примал културни влијанија од светот...

Градот каде Самоил ги пречекал ослепените војници, градот на Крали Марко, градот на непокорот, на борците, хероите, уметниците. Познат по шегата, тутунот, 11-ти октомври. Овој град конечно доби своја монографија за 1.000 годишното постоење - Прилеп. За прв пат се споменува како град од страна на историчарот Јован Скилица како Прилапон во 1014 година.

„Премногу има настани, премногу има личности кои ние неможеме да ги поврземе само со Прилеп. Ги поврзуваме со целата историја и култура на Македонија и македонскиот народ“, истакна Катерина Тодороска, научен советник во Институт за Национална историја.

На монографијата работеле 40-тина стручни лица, кои буквално го опфатиле целото пулсирање на градот, започнувајќи од неолитот, па се до денес.

„Тука работиме и за славите, за Прочка, проштените поклади, за облековната култура на градот, за исхраната во градот, за занаетчиите, една материја која досега е малку обработувана“, рече Владимир Караџоски, главен уредник на монографијата.

Прилеп без мала скромност, може да се каже дека со многу работи ја задолжил Македонија, како и сегашните и идни генерации.

„Прилеп е олицетворение и на македонскиот национален дух, но и град кој од овие простори зрачел културно низ Македонија и пошироко и воедно е град кој бил отворен за туѓи културни влијанија“, вели Слободан Беличански, еден од авторите на Монографијата.  

„Прилеп, прилепчани и Македонија, добиваат едно капитално дело кое ќе остане во наследство на сегашните и иднин генерации“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Монографијата беше промовирана само во електронска верзија, а печатеното издание се очекува околу месец март наредната година.

 

Дарко Штаргоски