МРТ одликувана со Орден за заслуги
Претседателот Ѓорге Иванов ја одликува МРТ со Орден за заслуги за исклучителни резултати во негувањето, презентирањето и промовирањето на духовните вредности од земјата и од светот. Седум децении МРТ е хроничар на предизвиците со кои се соочуваше Македонија, оцени шефот на државата...

Ново големо признание за сработеното и трудот на Македонската радио телевизја. Орден за заслуги од претседателот Ѓорѓе Иванов доби МРТВ во годината кога се одбележуваат седум децении на радиото и пет на телевизијата.
Од Асномската ’44-та до сега МРТ е хроничар на успесите, но и на предизвицитте со кои се соочуваше Македонија- рече претседателот Ѓорѓе Иванов на церемонијата- кој во доцните 80-ти и самиот е дел од Македонското радио.
„Во името на македонските граѓани, да изразам благодарност до сите генерации кои придонесоа, Македонската радио телевизија да биде она што е- сведок и хроничар на развојот на македонската држава и македонското општество. Чувар и промотор на нашето наследство, на сѐ она што е изговорено пред микорофонот и забележано на видео- лентите“, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Доајени, новинари, голем број присутни од сите општествени сфери на денешното доделување на орденот за заслуги на Националниот сервис.
Признанијата не се даваат, се заслужуваат и затоа првата реченица изговорена од Владо Малевски пред седум децении „Зборуе Радио Скопје“ нѐ држи заедно и нѐ носи во нови предизвици и сознанија – рече директорот на МРТ, Марјан Цветковски.
Орденот е признание за сите новинари, тон мајстори, документаристи, режисери кои се оставиле себе си во националниот сервис.
„Оставиле аудио и видео записи за да се каже денес дека Македонската радио телевизија е ризница на духовните вредности и културното творештво на животот на Македонецот, дали е тој во татковината или во дијаспората. Легендарното ’А бре Македонче’ цели седум децении нѐ држи заедно. Тоа е обврска и аманет ние во Македонската радио телевизија да продолжиме да го чуваме јазикот, државата, црквата и народот“, нагласи извршниот директор на МРТ, Марјан Цветковски.
Орденот е израз на благодарност и очекувања. Да се нуди уште поквалитетна програма за сите, независно од јазичната или религиска припадност.
МРТ и од МПЦ- ОА за својата работа во изминатите седум децении го доби орденот Свети Климент од прв ред – што е највисоко признание кое црквата го доделува.
Миле Ристески
