Глобалната рецесија предизвик за домашната металургија
Новата филтерска постројка во „Макстил“ ќе биде завршена во предвидениот рок, меѓу 12-ти и 15-ти јануари 2015-та година, кога ќе профункционира погонот Челичарница, исполнувајќи ги највисоките еколошки стандарди. Глобалната рецесија и натаму останува главен предизвик за домашната металургија...

2014-та беше тешка година за домашната металургија, но ниту наредната нема да биде полесна. Од Макстил велат дека работат со помалку од половина инсталиран капацитет, што не овозможува ниту минимална рентабилност, но сите вработени остануваат на своите работни места. Нарачките за првиот квартал се скромни, а прогнозите за 2015-та не се оптимистички.
„Ако во 2006-та и 2007-ма сме имале 60 до 80 илјади тони нарачки однапред, сега на 10-ти декември кога завршивме имаме добиено само 9-10 илјади тони нарачки, што е доволно само за 10 дена работа“, изјави Иван Бановски, генерален директор на Макстил.
Во нормални економски услови металургијата е генератор на економскиот раст, но при рецесија очигледен е негативен контра ефект.
„Маталургијата влијае со 80% на растот на економијата и на БДП, но важи и обратното рецесијата со 80% влијае негативно на металургијата“, изјави Минчо Јорданов, претседател на одборот на директори на Макстил.
Едно работно место во металургијата креира 8 до 10 во другите индустрии и затоа има силно социјално влијание, вели Јорданов. Конкурентноста ја намалуваат двојно поскапиот гас и превисоките трошоци за транспорт, во однос на конкурентите.
Освен на традиционалните пазари, Макстил влезе и на турскиот каде пласира 10% од производството. Експанзијата на подалечни пазари ја попречуваат високите трошоци за транспорт, велат од Макстил.
Свето Николовски
