Континуирана поддршка за македонската класична музика

26.12.2014 15:40

Објавени се резултатите од вториот конкурс годинава за стимулирање на класичната музика. Со оваа мерка континуирано се обезбедува поддршка за создавање на нови дела, со кои се збогатува македонската уметничка продукција...

Со пари од држаната каса 19 композитори ќе ги промовираат своите дела пред светската публика. Три ипол милиони денари е тежок фондот за стимулација на  композиции од класичната музика. 10 први, 7 втори и две трети награди на вториот конкурс. Наградените задоволни.

„Мојата композиција, камерната опера, со задоволство и нетрпение го очекувам моментот кога ќе се подготвува во нашата национална установа, Македонската опера и балет“, изјави композиторот Горан Начовски.

Во февруари беа доделни 23 награди. Речиси милион и осумстини илјади денари се слеаа на сметката на авторите од класичната музика. Дел од композициите, веќе се претставија пред македонската јавност. Голем интерес и на овој конкурс, 36 апликации за 9 различни категории.

„Спроведуваме и низа посебни мерки, нарачки и откупи на дела кои веќе даваат навистина инзвонредни резултати во насока на збогатување на националните фондови, афирмација на статусот на авторот и се разбира промоција на националното творештво“, вели министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

„До минатата година, нашиот фонд на нови музички дела се движеше околу петнаесетина, но не повеќе од 20 композиции. Сега тој фонд е навистина зголемен повеќекратно. Стигаме до бројка од 70 нови дела“, изјави Сони Петровски, претседател на Здружение на композитори.

Годинава се поддржани вкупно 42 композиции на 27 автори кои се наградени со сума од 5.305.000 денари од буџетот.

Во јануари 2015-та ќе биде објавен нов конкурс за нарачка на нови дела од областа на класичната музика.

 

Александра Перевска