Адеми: Со државниот испит не се руши автономијата на универзитетите
Со државниот испит не се руши автономијата на универзитетот, ниту пак се крши болоњскиот процес, тврди министерот Адеми. Пратеничката Грчева смета дека законот за високо образование е против уставен, студентите се доволно образовани и нема потреба од дополнителни тестирања. Законските корекции во образованието, пред матичната собраниска комисија...

Со измените во законот за високото образование не се нарушува автономијата на универзитетите, ниту Болоњскиот процес, појасни ресорниот министер Адеми. Државниот испит се предвидува да стартува од идната академска година. Ќе се полага во втората и во четвртата студиска година. Нема да важи за оние што веќе студираат.
„Испитот ќе се смета за положен доколку студентот позитивно одговорил на 60% од прашањата, исто така испитот ќе се смета за положен доколку студентот на 20% од предметите одговара позитивно“, изјави министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.
Според пратеничката Солза Грчева,законот е противуставен. Очигледно е дека Владата се меша во образовниот процес. Фактот што државните универзитети добиваат пари од буџетот,не значи дека треба да им се одземе автономијата, смета Грчева.
„Како вие тоа мислите да измерите по една димензија положен неположен испит- квалитет на образование. Уште да влегувате внатре, интерно во факултетите и да велите ќе има по пет прашања, толку лесни- толку тешки. Па ова е смешно!“, изјави независниот пратеник, Солза Грчева.
Веднаш по дискусијата, Грчева ја напушти собраниската сала што предизвика реакции кај мнозинството.Парламентаризмот подразбира да се слушне мислењето и на другиот,рече претседателката на Комисијата Најденовска.
„Намерата на оваа влада е прво ние како професори, како родители, цела држава, да се увериме дека студентите поседуваат знаење“, изјави Олга Нејденовска, претседател на Комисијата за образование и наука.
Најденовска додаде дека државниот испит предизвика бура, иницирана од оние кои не ги познаваат студентите и образовниот процес.
Предлог- законските измени се во насока на подобрување на законодаваниот процес, вели ресорниот министер за образование, Абдилаќим Адеми. Првата фаза од измените на Законот за високо образование, веќе од в понеделник е на пленарна седница.
Милчо Велески
