Јубилеј вреден за почит: 70 години Македонско радио, 50 години Македонска телевизија
Националниот сервис годинава прославува значаен јубилеј вреден за почит. Македонската радио – телевизија беше и остана во служба на граѓаните, нераскинлива нитка од македонското национално ткиво...

Пред 70 години за прв пат во етерот се слушна македонскиот збор на Радио Скопје.
Пред пет децении од зградата во Нерези се емитуваше и првиот телевизиски дневник. Од тогаш со децении со голем ентузијазам, Македонската радио телевизија ги бележи сите настани автентично како на филмска лента.
„Голем и значаен момент за сите вработени во Македонската радио телевизија и за нас како менаџмент, затоа што да се на чело на институција која слави 70 години постоење не е мала работа“, изјави директорот на МРТ, Марјан Цветковски.
МРТ со своја приказна од формирањето до денеска, го помина патот пред сите големи предзивици . Колеги кои својата кариера ја почнаа и завршија во оваа куќа се потсетуваат како го градеа професионализмот.
Во 1986- тата за само две секунди беше префрлен радио сигналот од Нерези во големата зграда.
„Јас тогаш не мислев, меѓутоа кога се воспостави сигналот и кога тргна програмата ме облеа ладна пот, а денес си велам не би прифатил таков ризик, но младоста го прави своето“, вели Вјекослав Прокопенко, пензиониран директор во Македонското радио.
Пред две години заврши дигитализацијата на Македонската телевизија, а новата опрема ја стави на ниво на европските јавни сервиси. И по 50 години, работата со филмската камера останува во сеќавањата.
„Со филмската камера се работеше многу потешко требаше да се најде точна бленда, се да се определи. Искуствата тогаш беа лични, бевме задоволни со тоа што можеме сами да го направиме“, се сеќава Драги Таневски, пензиониран снимател.
Со голем професионализам, квалитетни содржини, рамо до рамо со светските сервиси, Македонската радио телевизија продолжува да чекори и да ги следи сите настани и случувања, да ги презентира во јавноста.
Традиционално признанија доби дел од тимот кој замина во пензија.
Андријана Атанасовска
