Одложен епилогот за одземање на мандатите
Одложен е епилогот на собраниската седница на која се расправаше за одземање на мандатите на пратениците кои повеќе од седум месеци ја бојкотираат работата на Законодавниот дом. Го немаше потребното мнозинство...

Двотретинското мнозинство ги спаси мандатите на пратениците на СДСМ. На денешната собраниска седница немаше 82 пратеника потребни за завршување на постапката. Поради тоа, гласањето за одземањето на мандатите на пратениците-социјалдемократи и нивните коалициски партнери се одложи и ќе се реализира кога во собраниската сала ќе го има потребниот број гласови.
Претседателот на собранието, Трајко Вељаноски отвораше претрес за секој пратеник поединечно – вкупно 31. Никој од пратениците од мнозинството кои беа присутни во собраниската сала не се пријави за збор. По затворање на претресот, собранискиот претседател констатираше дека гласањето се одложува поради тоа што нема потребно мнозинство, двотретинско, за завршување на процедурата.
За седницата се изјасни Демократската унијата за интеграција. Според партијата на Ахмети, пратенички мандати добиени на избори не треба да се одземаат. Нов апел – опозицијата да се врати во парламентот.
„Од тоа што се нарекува евроинтегративна агенда, приоритети и заеднички заложби за подобрување на целокупната политичка слика и амбиент во државата, веќе влегуваме во онаа фаза во која што повиците веќе се ставаат под онаа графа- ургентни“, изјави Ермира Мехмети.
„Нема да се вратиме во Собранието се додека власта не прифати преговори за суштинските теми што ќе ги вратат демократијата и правото на слободен избор на граѓаните“- ова е писмената реакција на СДСМ за денешната собраниска седница и повикот да се вратат на работа.
Велат, дека тие поднеле изјави за неприфаќање на мандатите, но, мнозинството одлучило насилно да ги верификува, а потоа доставиле и оставки кои што власта не ги констатирала со месеци.
За гласањето за предлогот за одземање на мандатите на пратениците од опозицијата собранискиот претседател дополнително ќе ги извести пратениците.
Оваа точка на дневен ред стигна како предлог на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Членовите на комисијата констатираа дека 31 пратеник на опозицијата шест месеци неоправдано биле отсутни од работата на парламентот што повлекува процедура за одземање мандат на пратеник.
Не се исклучува можноста јануари да биде месец на одлука – тогаш во посета на земјава доаѓа новиот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој повеќепати повика да се најде решение за блокираниот политички дијалог и опозицијата да се врати на работа во парламентот.
Стојан Трпчевски
