Иванов: Ние сме реалност и ќе го добиеме тоа што го заслужуваме

27.12.2014 11:20

Пресудата на Меѓународниот суд за правда покажа дека досега сме се однесувале одговорно според сите меѓународни стандарди. Тоа укажува дека мора да истраеме на тој пат, изјави претседателот Иванов во интервју за Македонското радио...

Нашиот случај е уникатен и затоа нема решение, но ние сме реалност и кога тогаш ќе го добиеме тоа што го заслужуваме, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на прашањето за името и условувањето за влез во НАТО и ЕУ, во интервју за Македонското радио по повод 70 години од постоењето.

„Тоа го наследивме од претходните генерации на политичари и е резултат на нашата наивност кога влеговме во независноста и самостојноста на Македонија, мислејќи дека старите балкански прилики од пред сто години се надминати. Ние сме реалност и ние треба да го добиеме тоа што им припаѓа на сите, ниту повеќе, ниту помалку. Пресудата на Меѓународниот суд за правда покажа дека досега сме се однесувале одговорно според сите меѓународни стандарди. Тоа укажува дека мора да истраеме на тој пат и дека со тек на времето, но и со исполнување на сите критериуми кои се бараат од нас, ние кога тогаш ќе го добиеме тоа што го заслужуваме“, вели претседателот Иванов за Македонското радио.

Според него, иако со многу мака, труд и откажувања кои други не ги правеле, ќе продолжиме да се однесуваме одговорно.

„Нашиот случај е уникатен и затоа нема решение, а заснова на правото да бидете свој. Тоа е наше право и нам ни припаѓа. А некој што го негира тоа, нека докаже дека не сме тоа што сме“, вели Иванов.