Американската историја претставена во Националната галерија на портрети во Вашингтон

27.12.2014 13:22

Единствено место каде може да се види американската историја преку портрети е Националната Галерија на портрети во Вашингтон. Овде има колекција на портрети на сите американски претседатели и заслужни Американци од областа на политиката, правото, науката, уметноста и спортот...

Портрети на сите американски претседатели, како преглед на американската историја се наоѓаат во Националната Галерија на портрети во Вашингтон. Тука се наоѓа најстариот портрет на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон, портретот на Џон Кенеди направен неколку месеци пред неговото убиство,  до портретот во понеформален став на 43-тиот претседател Џорџ Буш. Портретите на претседателите се ставаат во галеријата по завршувањето на мандатот на претседателот, и тоа ќе биде случај и со портретот на Барак Обама.

„Единствените луѓе коишто автоматски влегуваат во колекцијата се претседателите. Заедно со Белата куќа имаме целосна колекција на сите претседатели од Џорџ Вашингтон до Барак Обама, коишто ги додаваме која ќе заминат од функцијата“, изјави Дејвид Ворд-кустос на Националната Галерија за портрети во Вашингтон.

Освен политичарите коишто ја обележале американската историја, во Националната Галерија се наоѓаат и портретите на активистите за човекови права Мартин Лутер Кинг и Роза Спаркс, поп ѕвездата Мајкл Џексон, композиторот Џорџ Гершвин, актерките Мерилин Монро и 4-кратната оскаровка Одри Хепберн, портретот на најпознатиот бејзбол играч познат како Бејби Рут, основачот на Мајкрософт Бил Гејтс и многу други заслужни Американци.

„Постојано додаваме луѓе во колекцијата, за да се добие чувство што значи да се биде Американец и што значи Америка како држава“, додава Ворд.

Поставена на три нивоа, Националната Галерија на портрети е трета најстара зграда во Вашингтон. Третиот кат е изграден во раскошен викторијански стил, каде можат да се видат портрети на Кралицата Викторија и луѓе од тоа време. Во средината на галеријата што се нарекува и Храм на иновациите, се наоѓа простор со стаклен покрив, каде посетителите можат да се одморат. 

Секоја година Националната Галерија на портрети ја посетуваат најмалку еден милион луѓе.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ