Кошарка, АБА Лига, 15.коло

МЗТ Скопје по победа во Задар

27.12.2014 14:18

„Одиме на победа“, вели тренерот Боби Митев...

Триумфот над Мега Лекс ја подигна атмосферата, петтата победа сезонава во АБА ја врати сласта од учеството на МЗТ Скопје во ова натпреварување. Почна новиот круг со старите противници, но двете добри партии во серија ги разбудија новите победнички очекувања. На крајот на календарската година „аеродромци“ се на далматинскиот брег, кај добриот познаник Задар.

„Одиме на победа“, вели тренерот Боби Митев. „Задар не сум го гледал премногу од неговото гостување во Скопје, но добро знаеме дека главната опасност доаѓа од Собин, којшто е доминантен во рекетот и од Флоренс, којшто е носител на играта. Ако успееме да го задржиме Американецот, можеме да се надеваме на поволен резултат“, смета предводникот на нашиот шампион.

Во лигата во којашто речиси секој секого победува и од секого губи, освен што Црвена Звезда е над сите, Задар не може да отскокнува. Можеби има успех повеќе досега, но тоа не го прави фаворит. Пред поразот од Игокеа во минатото коло се радуваше четирипати по ред, славеше дури и над Партизан, но МЗТ има добар биланс со него – четири победи во петте соочувања досега, плус еден тесен гостински пораз, лани.

Ако формата на МЗТ по доаѓањето на Самарџиски и н Синовец е во нагорна линија, ако традицијата е поволна, ако противникот одговара, а загора на се не блеска со екипите коишто се приближно на негово рамниште, има доста причини за надеж дека македонскиот кошаркарски првак токму во Арената „Крешимир Ќосиќ“ би можел да запише нов, само втор гостински триумф сезонава во АБА.

Преносот од мечот Задар-МЗТ Скопје Аеродром е вечер од 19 часот на Собраниски.