По 13-ти пат, новогодишна елка во водите на Охридското езеро

27.12.2014 17:25

Традицијата продолжува. Охридските нуркачи по тринаесети пат поставија новогодишна елка во водите на Охридското Езеро кај Заливот на коските, во рамките на музејот на вода. Тоа ќе биде уште една атракција за славениците кои Новата Година ќе ја дочекаат во Охрид...

Со поставување на новогодишна елка на 3 метри длабочина кај праисториската наколна населба во Заливот на коските, охридските нуркачи и оваа година упатија порака за благосостојба и побериќетна 2015-та година. Нуркачите и оваа година наздравија со шампањско, а најмладите добија подароци од Дедо Мраз.

„Правиме промоција на Охридското Езеро, Охрид и нашата држава. Мислам дека до сега добро одеше и од првиот пат и другите години имаше одзив и по интернет порталите и во медиумите во странство и задоволни сме како тече оваа работа“, вели Горан Балев-нуркач.

Овој чин беше посебно доживување за младите нуркачи.

„Интересно нешто, ново, нешто што не може секој да го направи... Ова многу значи за мене: Почнав со нуркање пред 6 месеци и ова ќе биде многу интересно за мене. Новогодишна елка под вода е многу ретко нешто“, велат младите нуркачи.

Доживотниот градоначалник на возобновената населба, Милутин Секулоски-Миќо кој во 1997 година ги откри остатоците од праисториската населба, вели дека не очекувал дека ова ќе биде најпосетуваниот музеј во Охрид.

„Нормално во тоа време не ни верувавме дека ќе се направи такво нешто. Но,верувајте дека ова е еден од напосетуваните музеи во Македонија, кој оваа година го посетиле над 60 илјади туристи“, изјави Милутин Секулоски-Миќо, меѓународен нуркачки инструктор.

Украсената Новогодишна елка ќе можат да ја видат гостите кои во Охрид ќе ги прослават новогодишните и божиќните празници,а при тоа ќе можат да уживаат и во неповторливиот амбиент кој го нуди овој локалитет.

 

Сашо Нелоски