Кошарка, АБА Лига

МЗТ Скопје загуби во Задар со 74-69

28.12.2014 00:11

Преголема штета беше направена во тој период, бидејќи хрватскиот тим на првиот краток одмор имаше 27-12, а во 15-та минута дури и незамисливи 23 разлика...

Со премалку напаѓачки расположени и шутерски прецизни кошаркари, МЗТ Скопје не можеше до триумф во Далмација. Ако се има предвид и црната дупка со катастрофална игра во одбрана во десетте минути од крајот на првата и од почетокот на втората четвртина, добро е воопшто што до последен миг беше во игра за успех во Задар.

Преголема штета беше направена во тој период, бидејќи хрватскиот тим на првиот краток одмор имаше 27-12, а во 15-та минута дури и незамисливи 23 разлика, 39-16. Нашиот тим дури тогаш се разбуди и почна да игра во Арената „Крешимир Ќосиќ“, што веднаш се одрази и на резултатот, бидејќи до полувремето анулираше дури девет поени од огромниот минус.

Тие 44-30 беа инспирација за најдобрите минути, на почетокот на третиот период, кога МЗТ рапидно ја скуси предноста на противникот и со серија од 14-6 се приближи на само четири разлика, 48-44. Задар го одби тој првичен налет на македонскиот тим и одново побегна на повеќе од десет, се до тројката на Николовски со звукот на сирената за 59-51 по триесет минути. Таа уште повеќе ги стимулираше кошаркарите на МЗТ да продолжат со притисокот и во завршната делница. Разликата постојано беше меѓу пет и осум поени, а кога по серијата на Диксон на две и пол минути до крајот нашиот првак намали на 68-65 беше јасно дека мечот можеби ќе го решава само една топка. Сепак, Цветковиќ не можеше сам во завршницата, Задар одолеа и ја запиша седмата победа сезонава во АБА, 74-69.

Самарџиски беше ниво над сите други во синиот дрес со 20 поени и 11 скокови, за врвен индекс на корисност 33. Цветковиќ постигна 12 коша, Диксон даде 9, исто колку и Синовец, којшто имаше и многу промашувања. Лучиќ уфрли 6, Николовски 5, како и Шеховиќ, којшто целосно затаи со ужасен процент на шут од игра. Со таков кошгетерски дисбаланс, МЗТ не можеше да се радува, бидејќи на спротивната страна и покрај падовите, одлични партии имаа Флоренс и Иванов, коишто постигнаа по 24 поени. Сепак, МВП беше Собин со 15 поени и дури 19 скокови, од коишто 8 офанзивни.

2014 ја завршија со неуспех, новата година за МЗТ почнува наредниот викенд против Будуќност во Скопје.