Избор на на најдобрите спортисти во 2014-та!

Лауреати Игор Стефановски и Наташа Андонова!

28.12.2014 00:14

Во годината за лично паметење, Игор Стефановски го доби и признанието за најдобар спортист на Македонија за 2014-та година. Автомобилистот Стефановски освои златен медал на Европското првенство на ридски патеки...

Македонија отсекогаш имала големи спортисти, можеби во модерното време кај нас најпопуларни се оние од колективните, односно игрите, но во изборот на најдобрите во 2014-та се издвоија индивидуалците, барем во машка конкуренција...

Во годината за лично паметење, Игор Стефановски го доби и признанието за најдобар спортист на Македонија за 2014-та година. Автомобилистот Стефановски освои златен медал на Европското првенство на ридски патеки. 

Со германски Постдам играше во полуфиналето на Лигата на шампионите, па предводничката на женската репрезентација на Македонија во фудбал, Наташа Андонова е прогласена за најдобра кај дамите.

Првиот стрелец во моментов во елитното европско ракометно натпреварување, капитен на нашата репрезентација и голгетер на великанот Барселона, Кире Лазаров е прогласен за најпопуларен македонски спортист во странство. 

Со десетото место на Европското и со пласманот на Светското првенство, македонската ракометна репрезентација победи во конкуренцијата за најдобар машки национален тим. Разбирливо, Ракометната е најуспешна во категоријата спортски федерации.

Во дебитанскиот настап во Европската лига, македонската одбојкарска репрезентација влезе во полуфиналето и заврши како трета, па Жарко Ристовски е најуспшен селектор.

Македонската селекција во карате - кати беше балкански шампион и затоа е најдобар женски национален тим.

Дека каратетото има светла иднина, потврдуваат наградите за најдобрите меѓу младите спортисти и тоа за Берат Јакупи кој беше јуниорски европски првак и за Пуликсенија Јовановска која на истиот шампионат освои бронзен медал.

Поради третото место на Светското првенство во стрелаштво, Оливера Наковска – Бикова го заслужи признанието за најдобар спортист меѓу лицата со инвалидитет.

Признанија за придонес во спортот добија маратонскиот пливач Томи Стефановски, првиот стручњак на ЖРК Вардар - Индира Кастратовиќ, тренерот на РК Металург - Лино Червар и сопствениците на нашите најдобри ракометни, како и на фудбалските клубови Вардар и Металург, Сергеј Самсоненко и Минчо Јорданов.

Во спортскиот дел од образованието, најуспешен меѓу универзитетите е Свети Кирил и Методи од Скопје, кај средните училишта Јосип Броз Тито од Битола, а меѓу основните, Свети Климент Охридски од Македонски Брод.

60-0т Избор на најдобрите во македонскиот спорт го организираа Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федертации.