Исчезна авион на „Ер Азија“

28.12.2014 12:54

По 50 минути од исчезнувањето почна потрагата за авионот. Од индонезиското Министерство за сообраќај изјавија дека авионот исчезнал над индонезискиот остров Јава во Јужниот Пацифик...

Уште еден џамбо џет од типот Ербас исчезна изутрината по источно локално време од радарите. Авион со 155 патника и седум членови на екипажот летал на релацијата Индонезија –Сингапур.

По 50 минути од исчезнувањето почна потрагата за авионот. Од индонезиското Министерство за сообраќај изјавија дека авионот исчезнал над индонезискиот остров Јава во Јужниот Пацифик.

Во соопштението се наведува дека авионот претходно имал проблеми со турбуленцијата, го изменил курсот, а пилотот побарал да ја смени рутата поради невреме.

Акцијата за потрага по исчезнатиот авион е во тек. И Сингапур и Индонезија се обидуваат да го лоцираат леталото, но проблеми се јавуваат поради невремето кое преовладува во регионот.

„Ја почнавме потрагата и спасувачката операција во близина на островот Белитунг. Ќе ја почнеме операцијата од најблиските параметри на несреќата и ќе ја прошириме на пошироката област. Војниот спасувачки тим работи со сингапурската агенција за потрага и спасување. Сите бродови и чамци се во областа поврзана со авионот и ќе им ги овозможиме сите барања за помош“, вели Игнасиус Јонан , министер за транспорт на Индонезија.

Во исчекување на трагичните или добрите информации, неизвесност кај роднините и пријателите на патниците. Атмосферата на двата аеродрома е траурна.

Во авионот патувале биле 156 индонезиски државјани, тројца од Јужна Кореја, еден од Малезија, еден од Сингапур и еден од Франција. Дури седумнаесет од нив биле деца, меѓу кои и едно бебе.

 

Маријана Димовска