Хуманитарен турнир за децата со аутизам во Прилеп
Прилеп по шести пат го одржа хуманитарниот турнир во мал фудбал „Свети Никола“. Парите се наменети за просторија за децата со аутизам. Денеска е финалето, а атрактивен за публиката беше натпреварот меѓу македонските фудбалски ветерани и бизнисмените...

Фудбалери, бизнисмени, хуманост. Прилепчани уживаа во мајсториите на македонските фудбалски ветерани, но и во спортската умешност на македонските бизнисмени. Сите со единствена цел - да се соберат пари за децата со аутизам.
Хуманоста не им е туѓа, велат спортистите.
„Прекрасно. Во секој случај, таа наша традиција со ветераните на Фудбалската федерација на Македонија на одигрување ревијални и хуманитарни натпревари ја продолжуваме и овде во Прилеп. Салата е добро исполнета. Сите услови за игра се тука. Имаме убав противни. Се надевам дека публиката ќе ужива во вештините и во смешните сцени на натпреварот“, вели Саша Ќириќ од Фудбалската федерација на Македонија.
„Мислам дека ќе биде доста тежок натпревар“, вели Тони Мицевски, фудбалски ветеран.
Бизнисот и спортот се надополнуваат.
„Денешните модерни бизнисмени се трудат покрај своите бизниси да заземат на своите плеќи и општествена одговорност“, вели Игор Соколески, Регионална стопанска комора од Кичево.
40 екипи од речиси сите градови се одзваа на шестиот традиционален турнир во мал фудбал. Организаторите задоволни од одзивот на донаторите и од публиката.
„Очигледно публиката се враќа назад. Квалитетот на фудбалот секоја година е подобар и подобар што потврдува дека ние сме фудбалска нација и треба многу да се инвестира во него. Истовремено, со средствата што ќе ги собереме од овој настан, оваа година му ги посветуваме на децата во состојба на аутизам“, вели Ирена Јакимоска, бизнисмен.
Хуманитарната цел ја исполнивме. Средствата одат во ОУ „Климент Охридски“ за децата со посебни потреби, вели Александар најдоски од локалната самоуправа во Прилеп.
Турнирот е во чест на заштитникот на Прилеп, Свети Никола.
Елизабета Митреска
