На падините на Водно, традиционално берење бадникови гранчиња
Музика, посна софра, вино, греана ракија - граѓаните дојдоа на децениската традиција за за се негува и од идните генерации...

Во бадниковата шума на падините на Водно со оро беа пречекани новиот кум и здравичар. Почнаа подготовките за големиот христијански празник Бадник. Благословено беше засекувањето гранчиња, а кумот и здравичарот го пресекоа првото.
„Целиот македонски народ да има берикет, среќа, радост и пред се здравје, продолжување на традициите“, изјави кумот Александар Џиковски.
„Како здравичар посакувам сите да имаат радост, љубов, оваа наша држава да има бериќет“, рече здравичарот Благоја Анчевски.
Желби за здравје, бериќет и љубов посакаа и претставниците на локалната самоуправа.
„Стопанствениците да ги исполнат сите свои планирани проекти и да постигнеме благостостојба на граѓаните на Град Скопје“, изјави Слободан Ќосев, претставник од Град Скопје.
„Жителите на општина Сопиште секогаш знаеле да ги вреднуваат верските празници и семејни вредности. Како локална самоуправа ќе продолжиме да ги помагаме сите овие настани“, изјави Стевче Трпковски, градоначалник на Општина Сопиште.
Музика, посна софра, вино, греана ракија - граѓаните дојдоа на децениската традиција за за се негува и од идните генерации.
Бадниковите гранчиња ќе бидат осветени и поделени на верниците. Тие ја симболизираат среќата и вечноста.
Скопските бадникари ги повикаа сите да им се придружат во одбележувањето на Божиќ за да заедно се продолжи вековната традиција.
Андријана Атанасовска
