Груевски: Потребни се квалитетни трудови објавени во реномирани меѓународни списанија
Не е доволно да пишуваат, треба и да им ги прифатат трудовите во меѓународните списанија. Нова порака на премиерот Груевски до универзитетските професори кои се спротиставуваат на реформите во високото образование. Анализите покажуваат дека лани биле издадени само 300 труда, а во изминативе шест до седум години 4.000, неколкукратно помалку споредено со останатите земји од регионот и од Европа...

Македонија е на дното на објавени научни трудови во реномирани списанија во европски рамки, вели премиерот Никола Груевски. Ги нема имињата на професорите кои се најгласни бунтовници за реформаите во образованието, особено за државниот испит.
На нивно конто има нула објавени научни трудови, според евиденцијата за објавени трудови со импакт фактор објавени на „Web of science“.
Според анализите лани биле издадени 300 труда, за разлика од професорскиот кадар во Словенија, кои издале 50 илјади научни труда. Гневот кај професорите е затоа што треба повеќе да работат, да истражуваат и да пишуваат трудови, вели премиерот.
Со новините во образованието се заострија критериумите за работата на професорите. Нема веќе комодитет. Ќе треба да објавуваат научни трудови во меѓународни реномирани списанија.
„Ако се посветат на таа работа, ако вложат многу труд јас верувам дека Македонија има потенцијал да стане поконкурентна на меѓународен план во научната мисла, пред сѐ на универзитетските професори во Република Македонија. Затоа е потребен овој Закон затоа што сме на дното, на опашката на Европа. Затоа е револтот, јас ги разбирам професорите, но не се согласувам со нив“, изјави премиерот Никола Груевски.
Стравот можеби кај професотрите е и тоа што нивните трудови во таквите списанија мора да поминат филтер на издржаност на истажувањето. Тоа мора да биде релеванстно и да има општествена корист за да биде објавено.
„Проблемот не е само дали сакаат професорите да пишуваат туку и дали нивните дела ќе бидат прифатени во реномираните списанија. Некои може 10 да напишат и да не му ги примат. Тука е нивната грижа. Дали откако ќе ги напишат- ќе ги прифатат како квалитетни“, нагласи Груевски.
Со новите законски измени се предвидува од 2018-та секој професор во 5 годишен период да издаде два научни труда само во реномирани списанија.
Наташа Гркова-Петрушовска
