Генонг и Хектор во снежните облаци
Вистинска реткост е во само еден час да се појават две нови имиња на листата на победниците во трките од Светскиот скијачки куп...

Две последни трки во 2014-та, две резултатски сензации! Американецот Тревис Генонг и Швеѓанката Сара Хектор се победниците на двете завршни трки во оваа година во алпско скијање. Вистинска реткост е во само еден час да се појават две нови имиња на листата на победниците во трките од Светскиот скијачки куп.
Во Санта Катерина , во италијанскиот дел од Доломитите се возеше
4-от спуст во сезоната.На една од најпознатите патеки, 26-годишниот Американец Тревис Генонг го извозе спустот за свое вечно паметење. Беше најбрз, постигна време од 1:32.42 , се искачи на највисокото место на подиумот. Тоа е негов прв триумф во кариерата. Австриецот Матијас Мајер заостана за 9 стотинки. Во драматичното натпреварување трет низ целта мина Италијанецот Доминик Парис со 21 стотинка послаб резултат. На преминот во следната година на чело на скијачкиот карван и натаму останува Норвежанецот Кјетил Јансруд со 692 бода, пред Австриецот Марсел Хиршер со 487 бодови.
Трка од сништата денеска имаше и младата Швеѓанка Сара Хектор. И се посреќи патеката во Кихтаи во Тирол, која беше замена за австрискиот центар Земеринг кој остана без доволно снег. Победнички го извозе 4-от велеслалом во сезоната со време од 2:17.61. И за неа тоа е прва радост во натпреварите од Светскиот куп. Австријката Ана Фенингер имаше резултатски вишок од 9 стотинки, а Американката Микаела Шифрин беше трета, не успевајќи да ја зачува предноста по првото возење. Словенката Тина Мазе води во генерален пласман со 692 бода, пред Ана Фенингер со 487 бодови.
Следната станица од Светскиот куп во алпско скијање е Загреб. На 4 и 6 јануари ќе се возат женскиот и машкиот слалом.
