Снегот ја блокира Струга
Невообичаено за регионот, но најдраматично е во Струга. 40 сантиметри снег го блокираа градот, а најголеми штети граѓаните трпат поради долготрајниот прекин на електричната енергија...

Почетокот на зимата во Струга го покажа вистинското лице иако за овие делови од земјава ова е невообичаено. Снежната покривка изутрината достигна 40-тина сантиметри и направи големи проблеми.
Поради големи дефекти на два далновода на МЕПСО од Ресен кон Охрид и Струга и од Вруток кон Шпилје, електричната енергија во целиот град , како и во голем дел од Охрид беше во прекин од вчера во 17.30 часот, а денеска струја се уште немаат некои делови од градот и околината. Поради големината на дефектот со снабдување со електрична енергија овој регион и во текот на денешниот ден ќе има наместа привремени исклучувања од електричната мрежа. Поради снежното невреме кое синоќа беше проследено со засилен северен ветар, но и поради дефектите со струјата, градот остана и без вода цели 24 часа.
Дополнителни потешкотии за граѓаните се и непроодните патишта и недоволно исчестените улици поради што дел од компаниите немаа пристап до своите дуќани. Градот тешко се справува со оваа ситуација но најтешко е сепак снабдувањето со основните продукти како што се леб, млеко и вода. Движењето на автомобилите е речиси невозможно, а тешко се снаоѓаат и пешаците.
Во Струга и Охрид според Управата за хидрометеоролошки работи утре температурата се очекува да падне под нулата и таа во текот на денот да не биде повисока од -7 а во ноќта и -14 степени што ќе предизвика дополнителни тешкотии , доколку се разбира денеска градските власти не успеат да ги расчистат сите улици и патишта кои што водат кон Струга.
Јованчо Наумоски
