Прилепчани со големи очекувања влегуваат во Новата година
Само да ни тргне за напред, па каде ќе ни биде крајот, шеговито и со големи екомномски очекувања Прилеп се свртува кон новата година. Градот празнично украсен. Граѓаните, претежно, домаќински расположени...

Елка, блескави светилки, уште посветли желби и надежи. Прилеп празничен за Нова Година. Граѓаните расположени за домашна атмосфера и заедничко дружење.
„Ние сме постари, дома, домашен амбиент... Ние ќе се забавуваме со програмата на плоштад организирана од локалната самоуправа“, велат прилепчани.
Ќе се патува во Европа и во светот но помалку од лани.
„Можеби во целина недостасува некоја нова дестинација која треба да се понуди на пазарот со која треба да бидат задоволени оние кои веќе имаат богато искуство на патување“, изјави Весна Апостолоска, ТА „Лион Олимпик“.
Прилеп на плоштад ќе ја пречека петнаесеттата година од новиот милениум со роденденска прослава, торта од три метри и домашни забавувачи.
„Тргнувајќи од искуствата од минатите години, очекуваме да излезат повеќе граѓани на Прилеп, од сите возрасти, а ние се погриживме да има добра забава и многу изнанадувања за сите нив“, вели Снежана Ристеска, локална самоуправа.
2014-та просечна, наредната може и подобро.
„Па, мислам дека би требало да биде подобра... Оваа е просек година, иако има недостатоци, но во следната година очекуваме повеќе вработувања во економијата“, велат анкетираните прилепчани.
Локалните власти најавуваат фокус токму во економијата во наредните 365 дена.
„Станува збор за покрупни инвестиции кои ќе се случат во Прилеп, во слободната економска зона и другите индустриски зони и делови од градот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Елка, желби, очекувања и помалку прилепски мајтап. Велат – Ако ни тргне во Новата година, па каде ќе ни биде крајот. А за новите почетоци, тука се желбите и надежите.
Елизабета Митреска
