Расте довербата кај граѓаните за полициското работење

29.12.2014 14:44

Министерство за внатрешни работи го презентира извештајот „Истражување на јавното мислење за полициското работење“. Истражувањето на секои две години го спроведува ОБСЕ во соработка со македонското МВР...

Сѐ поголема доверба кај граѓаните за полициското работење покажува последното истражување на Агенцијата „Рејтинг“ и на ОБСЕ. Од 2008 година, откако се мери овој податок, процентот на граѓани кои се задоволни од полициското работење е зголемен за близу 20 отсто. Ова е показател во кој правец треба да се насочи вниманието посочи министерката Јанкулоска.

„Од последното истражување може да се констатира дека продолжува позитивниот тренд на зголемување на задоволството на граѓаните од работењето на полицијата, а токму тоа е најважната причина заради која постоиме како сервис“, изјави Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи.

Поголема ажурност во работењето на локалните совети за превенција во сите општини, секој сектор да располага со  свој буџет, исполнување на барањето  на граѓаните за поголемо униформирано полициско присудтво на терен во руралните делови.

„Податоците од истражувањето ни овозможија нам во ОБСЕ и на полицијата да идентификуваме идни активности насочени кон решавање на најгорливите проблеми на граѓаните од повеќе етнички заедници од земјата. Ги разгледавме резултаите од ова истражување, општо земено се забележува зголемување на нивото на доверба на грѓаните кон полицијата, со оглед на тоа што сакаме да се насочиме кон она што треба да се направи во иднина“, нагласи Ралф Бред, амбасадор на ОБСЕ во Република Македонија.

Во анкетата опфатени 10 теми. Од задоволство од полициското работење, нивниот квалитет, засегнатоста за личната безбедност, па до соработка со медиумите 

„Соработката меѓу полицијата и граѓаните сеуште треба да се унапредува иако има благи позитивни трендови во однос на 2012- година. Сеуште има простор да се подобрува работењето на основните институции преку кои се врши оваа соработка“, изјави Никола Спасов, агенција „Рејтинг“.

Истражувањето е започнато од 2002 година. Ова е седмо по ред од ваков тип. Се прави на секои две години. Извршено е во периодот  од 1 до 14 јуни годинава. Опфатени биле 2илјади и 600 граѓани и 500 полициски службеници.

 

Наташа Гркова-Петрушевска