Канческа- Милевска: 2014-та беше година на културата

29.12.2014 15:41

Министерката за култура со отчет за сработеното годинава. За идната повеќе пари за проекти и за објекти за развој на културата...

Се отвори новиот Археолошкиот музеј, Велес доби нова театарска куќа, реализирани се уште низа проекти. 2014- та мина успешно – оцени министерката Канческа. Во 2015-тата ќе се возобновува Театарот за деца и младинци, ќе светне во нов сјај Македонската филхармонија и Македонската опера и балет. Скопската метропола културно се воздигна, фокусот ќе биде ставен и на многу други институции во државава.

„Сметам дека 2014-тата беше година на културата, година во која се реализираа проекти од сите дејности во областа на културата, кои беа мошне неопходни и за кои се чекаше безмалку и неколку децении“, изјави Елизабета Канческа Милевска, министер за култура.

Непроценливо културно богатство од пет децении  е собрано во Музејот на современата уметност  кој по триесет години доби нова зграда на 3.500 квадратни метри.

„Оваа година беше отворен и Музејот на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија, во рамки на Музеј на Македонија, една прекрасна музјеска поставка за македонците- бегалци од Втората светска војна и граѓанската војна во Грција“, додаде министерката за култура.

Буџетот за 2015-та година ќе тежи 3,6 милијарди денари речиси слично како во  минатата година. Програмските средства за в година изнесуваат околу 838 милиони денари.

На интернет страницата на Министерството за култура е објавена годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес за 2015-та година.

 

Александра Перевска