Снегот предизвика проблеми на енергетската мрежа

29.12.2014 16:31

Поради тешкиот снег повеќе столбови беа урнати или пак каблите искинати. Мобилните екипи се на терен и работат на обновување на далноводите, но најголем проблем се непристапните терени...

Снежното невреме и силниот ветер предизвикаа оштетување на 110 киловолтната електро преносна мрежа и прекин во снабдувањето со струја во Охрид, Стуга и Дебар. Редовното напојување е воспоставено околу 10 часот претпладне, меѓутоа поради замена на делови од преносната мрежа Охрид повторно остана без струја околу 14 часот.

„Двочасовното исклучување e со цел да се изврши планиран зафат на замена на елементи од преносната мрежа, што ќе  овозможи доверлива и стабилна работа на електропреносниот систем“, соопшти МЕПСО.

Обилните снежни врнежи предизвикаа дефекти и на дистрибутивната мрежа. Поради тешкиот снег повеќе столбови беа урнати или пак каблите искинати. Мобилните екипи се на терен и работат на обновување на далноводите, но најголем проблем се непристапните терени.

„Остануваат оние населени места до кои екипте на можат да стигнат. Тоа е најголем проблем. Местата како Јанче, Центар Жупа, Лабуниште, Луково, Суво Поле, Косел, Градиште, Мешеиште и Песочани ќе остант без напојување се додека екипите не се пробијат до таму. Имаме проблеми во скопскиотн регион, во делот на Сарај, Кондово и на Матка. Таму е во прекин 35-киловолтната врска, се работи и би требало брзо да биде саниран дефектот“, изјави Атанас Ковачевски- портпарол на ЕВН Македонија.

Се работи и на далноводите во кумановско кај Вишница, во кичевско кај Староец, Вранештица, населените места околу Преспанското езеро. Се интервенира и на мрежата кај Тополчани прилепско, Дреново кај Велес и на три места во битолско.

До крајот на денот најголем дел од населените места во кои сега има прекин во снабдувањето  ќе добијат електрична енергија. Без струја ќе останат само оддалечените селски населби до кои е отежнат пристапот поради високите снежни навеви.

Од ЕВН апелираат граѓаните да не ги вклучуваат оддеднаш сите електрични уреди кога повторно ќе бидат приклучени, туку тоа да го прават постепено, за да не се преоптовари  електро дистрибутивната мрежа.

 

Свето Николовски