Образование: Поквалитетни директори, помали проблеми
Поквалитетни директори, помали проблеми , став на актуелни менаџери на училишта за предлог- законот за обука и испит кој ги минува собраниските филтри. Ќе има и усовршување на оние кои се веќе на функциите...

Недостигот на нафта, недоволните хигиенски услови, блокираните сметки во училиштата ќе станат минато. Предлог законот за обука и испит на директор за основно и средно училиште, ученички дом и граѓански универзитет за доживотно учење, помина на собраниска комисија. Неговата цел е да обезбеди квалитетен менаџерски кадар кој континуирано ќе се надоградува.
„Како луѓе кои доаѓаме од наставниот кадар, апсолутно ни треба доедукација за да се стекнеме со менаџерски способности кои треба да ги поседува директорот“, смета Сашо Јованоски.
Кандидатите за директори пред да се стекнат со право за полагање испит треба да поминат основна обука во Државниот испитен центар. Испитот за директор се полага 2 часа и состои од три дела. Ќе се проверувааат компјутерските вештини на кандидатот и неговата способност за примена на теоретските знаења. Успешноста во првите два дела е виза за полагање на семинарски труд на тема којашто се избира по електронскиот пат од базата на теми.
„Модулите кои се предвидуваат во Законот се доста корисни, има дел за економија, финансии, право, раководење со човечки ресурси- апсолутно надоградбата на секој му е потребна денес“, додава Јованоски.
Професионалното усовршување од најмалку четири семинарски денови во текот на една година, се предвидуваат и за веќе избраните и ангажирани директори. Со оваа новина, Владата очекува да се избира најквалитетниот менаџерски кадар кој ќе раководи со училиштата.
Сунчица Николовска
