Продолжува потрагата по авионот на „Ер Азија“
Во Јаванско море лоцирани остатоци од авион. Се утврдува дали се од Ербасот кој исчезна викендов. И од воздух и од вода се пребарува подрачјето каде што би можело да се дојде до посилни докази. Додека трае потрагата, семејствата нетрпеливо чекаат вест за своите најблиски...

Продолжува потрагата по исчезнатиот авион на Ер Азија. Австралија, Малезија и Сингапур распоредија авиони и бродови, паралелно патролирајќи во уште 4 локации, досега биле пребарани седум зони. Помош понуди и Кина. Индонезискиот претседател побара да се провери дали биле испочитувани стандардите на меѓународното цивилно воздухопловство.
„Во шок сум и сочувствувам со загриженоста и тагата на семејствата, верувам дека така се чувствува секој во Индонезија. Побарав од министерот за транспорт да се испитаат сите постапки и процеси во воздухопловството и дали биле во согласност со меѓународните стандарди“, изјави Јоко Видо, претседател на Индонезија.
Австралиски авион забележа можни остатоци во Јаванското море, но властите во Џакарта првичните информации за пронајдени остатоци се уште ги базираат на претпоставки.
„Ги проверивме сите информации што стигнаа до нас. Сепак, нема доволно докази што ќе потврдат дека има нешто таму. Сите информации ќе бидат проверени и мониторирани“, вели поотпретседател на Индонезија, Јусуф Кала.
Авионот на Ер Азија со 162 патници и членови на екипажот изгуби контакт со контролата на летање на пат од Сурабаја до Сингапур. Меѓу патниците има и 16 деца и едно новороденче.
Маја Стојанова
