Крафт со дебитантска победа во Оберстдорф
На скокалницата „Шаценберг“ дебитантската победа во кариерата ја забележа Штефан Крафт, којшто за скоковите од 136,5 и од 129 метри по двете серии собра 6,5 бода повеќе од сонародникот Михаел Хајбек...

Откако вo неделата временските услови не дозволија, 63.издание на традиционалната новогодишна турнеја во скијачки скокови „Четири скокалници“ почна синоќа со драматичен натпревар во германски Оберстдорф, на којшто доминантен беше новиот бран австриски скокачи.
На скокалницата „Шаценберг“ дебитантската победа во кариерата ја забележа Штефан Крафт, којшто за скоковите од 136,5 и од 129 метри по двете серии собра 6,5 бода повеќе од сонародникот Михаел Хајбек. Далечините на Хајбек за најдобриот резултат воопшто досега беа 137,5 и 132,5 метри. Со нив за нијанса беше подобар од Словенецот Петер Превц, којшто забележа должини од 139,5 и од 125,5 метри.
На чекор до пиедесталот остана Полјакот Камил Штох. Ланскиот победник во Светскиот Куп се врати по паузата поради повреда со пласман на четвртата позиција. Петти беше Австриецот Андреас Кофлер, шести Норвежанецот Андерс Фанемел, седми Чехот Роман Куделка, а многу потфрли Австриецот Грегор Шлиренцауер со 17.место. Поголем кикс од него направи само ланскиот победник во Оберстдорф, Швајцарецот Симон Аман, којшто имаше пад во првата и не се пласираше во втората серија.
Со второто место Хајбек го презеде водството во генералниот пласман. На врвот сега има 513 бода, само еден повеќе од Фанемел на второто и само седум повеќе од Куделка на третото место.
Традиционално, турнејата продолжува на првиот ден од новата година во Гармиш Партенкирхен, по што натпреварувачите ќе се преселат во Австрија, каде што на 4 јануари ќе скокаат во Инсбрук, а два дена потоа во Бишофсхофен.
