Судот за Спортска Арбитража ја потврди казната од ФИФА

Барселона со забрана за трансфери до 2016

30.12.2014 12:57

По сослушувањето одржано на 5 декември, судскиот Панел утврдил дека Барселона во периодот од 2009 до 2013 ги прекршувала правилата на ФИФА во однос на регистрирањето играчи до 18 години во нејзината академија...

Барселона нема да смее да купува играчи во текот на целата 2015, во јануарскиот и подоцна во летниот преоден рок, откако Судот за Спортска Арбитража во Лозана ја одби нејзината жалба по забраната за нови трансфери којашто пред неколку месеци ја доби од ФИФА. До јануари 2016 ќе може само да ги обновува договорите на сегашните играчи.

По сослушувањето одржано на 5 декември, судскиот Панел утврдил дека Барселона во периодот од 2009 до 2013 ги прекршувала правилата на ФИФА во однос на регистрирањето играчи до 18 години во нејзината академија. Притоа ја потврдил првичната одлука на ФИФА, што значи дека оригиналната санкцијата останува во сила. Клубот е казнет и парично со 375 илјади евра, а доби и укор.

Шпанскиот гигант изрази несогласување со одлуката на Судот за Арбитража. „Грешките коишто можеби биле направени се од административна природа и пред се поради конфликтот меѓу регулативата на ФИФА и шпанското законодавство. Ја сметаме санкцијата за непропорционална и за дополнително казнување на клубот, со оглед на текот и на околностите на овој специфичен случај“, се вели во официјалната реакција на Барселона.

Најновиот тек на настаните значи дека функционирањето на клубот во наредните 365 дена најмногу ќе зависи од тоа како тренерот Луис Енрике ќе менаџира со силите и со способностите на постојниот играчки кадар. Нему ќе му биде најтешко, иако знаејќи дека се соочува со ваква опасност, тој летоска значително го засили тимот, купувајќи ги Суарез, Ракитиќ, Матие, Вермален, Браво и Тер Штеген.

Сепак и покрај тоа, на Барса очајно и е потребен централен дефанзивец и некоја опција повеќе во средниот ред. Пред се Чави, а сигурно и Иниеста и Маскерано не се ниту млади, ниту во формата од најдобрите денови. Една година е долг период за клуб од нејзин ранг да не може да прави корекции за да го задржи врвното ниво, особено што навивачите тешко би можеле да прифатат и втора сезона по ред без ниеден трофеј. Згора на се, Реал Мадрид и елитните европски клубови сега ќе имаат еден конкурент помалку во трката по ѕвездите од светска класа како Марко Ројс, коишто налето многу веројатно ќе бидат на продажба.