Задолжницата останува на доброволна основа
Издавањето задолжница ќе остане на доброволна основа. Владата ги прифати барањата на бизнисмените, овој инструмент да не биде задолжителен за зделките вредни повеќе од 5.000 евра. Според власта, Законот за финансиска дисциплина ќе ја осигура ефикасноста во наплатата...

Нема задолжителната задолжница за зделките вредни повеќе од 5.000 евра. Владата позитивно одговори на барањата на бизнис – секторот, испорачани преку допис потпишан од трите стопански комори. Овој инструмент, како и досега, ќе продолжи да функционира на доброволна основа, со што компаниите нема да бидат изложени на дополнителни трошоци. Владата позитивно одговори на добро аргументираните предлози – порача вицепремиерот Ставрески.
„Сметаме дека на тој начин ќе помогнеме да продолжат добрите услови за водење бизнис во Македонија, при што Законот за финансиска дисциплина ќе помогне да се зголеми ефикасноста во наплатата на средствата при должничко – доверителски односи меѓу субјектите, односно да се заштитат доверителите, а во исто време, нема да се создаде административен товар врз компаниите преку задолжителното издавање на задолжницата“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Со измените на Законот од годинава, се предвидуваше задолжително издавање задолжница за зделки вредни повеќе од 300.000 денари, односно 5.000 евра. Во спротивно, беа предвидени парични казни од 3.000 до 5.000 евра, но и затворска казна до три години. Според бизнис – секторот, доброволната задолжница и Законот за финансиска дисциплина се доволен гарант за ефикасност во наплатата.
„Со прифаќањето на барањето на бизнис – заедницата овој механизам ќе продолжи да функционира само на барање на доверителот. Нема да има никаква опасност во плаќањата меѓу фирмите, бидејќи самата задолжница како доброволен инструмент ќе ја има истата функција како да е задолжителна, а со Законот за финансиска дисциплина, по 60 или 120 дена согласно договорот, должникот ќе има обврска да му ги исплати побарувањата на доверителот“, изјави Данела Арсовска, претседателка на ССК.
Законот за задолжница се донесе пред две години на барање на компаниите за да се подобрат наплатата во деловните односи и ликвидноста на стопанството, односно да се зајакне финансиската дисциплина.
Мартин Пушевски
