На животните во скопската Зоолошка градина им е удобно и во зима
На минусната температура ретко кој помислува да прошета во скопската Зоолошка градина. Камерата на МТВ го посети овој состав на животни чии природни услови се од тропски до сибирски. Впечатокот е дека на сите е им е удобно во нашата зима. Едните на отворено, другите во затоплени простории...

И на температури под нулата, разиграни, весели и секогаш расположени за гости. Животните во Зоолошката градина уживаат во снежната идила. Сибирските тигри го сакаат снегот. Не се плашат ниту од – 40 степени, тоа е температурата во нивните природни живеалишта. Речиси целиот ден го минуваат надвор, позираат пред фото апаратите и камерите на посетителите.
За разлика од сибирските тигри кои уживаат во минусните температури, во живеалиштето на лемурите кои потекнуваат од Мадагаскар е 20 степени.
На животните од егзотичните краишта на светот, секогаш им е топло. Домот и температурата се приспособени зависно од земјата од која потекнуваат. И исхраната е збогатена во овие зимски услови.
„На овие зимски температури е појачана, бидејќи енергијата ја добиваат преку храната, посебно месојасните животни. Ако да речеме дека еден тигар јаде од 5 до 6 килограми месо во летниот период, во зимскиот период јаде меѓу 8 и 10 килограми“, вели Јорданчо Милошевски, биолог-кустос.
Ладното најмногу им пречи на мајмуните, рептилите, кенгурите и на некои видови птици. Но, сега живеат на над 20 степени.
Кога температурите се под нулата ретки се посетителите, но само желбата и топлата облека за незаборавна авантура можат да ве расположат во снежната золошка градина.
В година семејството ќе се зголеми. Пингвини од Виена и два морски лава ќе се вселат на оваа локација.
Александра Перевска
