Со хеликоптер извлечени тројца завеани од струшко ’Ржаново
Таткото и синот заминале на викенд, снегот ги спречил да се вратат дома. Нивниот апел за спас стигнал до полицијата...

Денес на пладне хеликоптерската единица на МВР и Центарот за справување со кризи од Струга ги извлекоа тројцата завеани во селото Ржаново. Братучедите Горан и Тоде Кузманоски со 15 годишниот син од Струга, во четвртокот заминале на викенд во село, но силното снежно невреме ги завеа во нивната викендица.
Храна имале само за неколку дена и кога констатирале дека нема никакви шанси да се вратат во градот побарале помош.
„Не можевме да контактираме веќе телефоните не функционираа. Знаете метро и повеќе има снег, движењето е ограничено тука само околу куќата. Се што беше за јадење се изеде и веќе беше критично“, вели Горан Кузманоски.
„Метро, метро и дваесет. Без струја - старински со кандило. Немаше задоцнувања, не можеше да се слета“, вели Тоде Кузманоски.
Снежната драма високо на планина долго ќе ја памети петнаесетгодишното храбро момче.
Инаку завеани во своите домови без струја се и стотина жители на селата во Долни Дримкол и Малесија.
Без електрично напојување и телефонија веќе два дена се Вевчани, Лабуништа, Подгорци и триесетината села во општина Дебрца.
Освен овие лица нема други барања за евакуација.
Јованчо Наумоски
