Објавувањето трудови на „Веб од сајнс“ треба да биде престиж, а не страв
Зошто објавувањето трудови во „Веб оф сајнс“ ги разбранува духовите на дел од професорите кои решија да бараат повлекување на законот за високо образование? Моделите од регионот покажуваат дека тоа треба да биде престиж, а не страв...

„Веб оф сајнс“ е најпрестижната база на научни трудови и е едно од мерилата за успешност на универзитетските професори. Оваа база на која се објавуваат научните истражувања е модел за вреднување на трудовите во сите развиени земји. Така е и во соседството. Словенечкиот модел на пример се смета за еден од најдобрите. Истражувачите се бодуваат, најценети се трудовите објавени на „Веб од сајнс“.
Во Хрватска исто така, бројот на објавени трудови во научните списанија треба да е индексиран на базата на „Веб од сајнс“, за тие да добијат општесвено значење. Во Србија за вреднување на резултатите од научно- истражувачката работа на истражувачите предвид се земаат исклучиво само трудовите во списанијата во базата на „Веб од сајнс“, а сѐ останато има неспоредливо помал обем и значење.
Кај нас поголемиот број професори немаат објавено научни трудови во оваа престижна база. Токму тука премиерот Груевски го гледа мотивот за отпор кон новините во високото образование. Ги нема имињата на професорите кои се најгласни противници на реформите во образованието. Голем број звучни имиња без научни трудови на „Веб од сајнс“. Прашањето зошто е тоа така во Македонија остана без одговор. На новинарска екипа и беше оневозможено да ги анкетира професорите од Правниот факултет.
„Тропнав на вратите кај деканот Давитковски, кај професорите Фрчковски, Астеруд, Калајџиев и Силјановска, сите врати беа заклучени, иако кај дел од нив токму тој термин беше наведен за приемен кај нив. На вториот спрат од факултетот бевме запрени од еден човек кој не извести дека деканот забранил снимање. Јас потоа побарав да ме поврзат со него, бидејќи токму од него сакав да земам изјава, но успеав да ја добијам само секретарката“, вели новинарката Ивана Ефремовски.
Новите законски измени во високото образование предвидуваат универзитетските професори да пишуваат научни трудови кои ќе бидат објавувани во списанија коишто се реномирани во светот и се дел од престижниот „Веб од сајнс“, најрелевантната светска база на податоци.
Во Собранието мина првото читање на законот. Следи јавната расправа.
Миле Ристески
